Жерновски се претопи во СДСМ, очекува висока раководна функција

„Како одговорен човек и политичар секогаш ќе ги ставам единството и напредокот пред личните интереси. Затоа ја повлекувам независната кандидатура и давам целосна поддршка на партијата во новата битка која ни претстои, напиша градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, на својот фејсбук-профил.

 

Тој вели дека во договор со премиерот Зоран Заев одлучил да ја продолжи кариерата на висока раководна позиција во централната власт и да стане дел од партијата која тој ја предводи. Имам одлична соработка со него и голема меѓусебна доверба и почитување.

„Токму затоа и решив да ја прифатам неговата понуда и заедно да продолжиме во нови победи. Сакам да ве уверам дека останувам посветен на Општина Центар и соработката со вас. Дозволете од сесрце да ви се заблагодарам за несебичната поддршка што ми ја дававте изминатите четири години како градоначалник на Центар. Ова беа истовремено најтешките, но и најубави четири години од мојот живот, во кои искусив и научив многу. Во исклучително бурни времиња, преполни со уцени и закани, успеавме да направиме многу за општината, но и за соборувањето на режимот на Никола Груевски. Покрај сите притисоци, напади и опструкции, ги разобличивме сите злоупотреби на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, но и реализираме 230 проекти од интерес на граѓаните. Иако тие проекти се реализирани исклучиво од сопствениот буџет, односно со 0 денари поддршка од централната власт, во еден мандат направиме повеќе од тоа што во претходни мандати го направија градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Јас и мојот тим сме особено горди и знаеме дека сето ова немаше да биде возможно без огроманта поддршка која ја имавме од сите вас“, напиша Жерновски.