Ирма однесе 55 животи, познати личности се вклучија во собирање помош за обнова

Властите објавија дека бројот на жртвите од ураганот Ирма на Флорида се искачил на 12, додека вкупниот број на загинати од невремето е 55. Најпознатите американски филмски и музички ѕвезди организираа Телетон, со цел собирање пари, неопходни за обнова на регионот погоден од ураганот.

 

Портпаролот на гувернерот на Флорида, Мекинли Луис, соопшти дека шест лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи, четворица за време на подготовките за невремето, едно лице настрадало од струен удар, додека уште едно лице починало од проблеми со срцето.

Во американската сојузна држава Јужна Каролина загинале четири лица, а во Џорџиј две. Иако сега има размери на опасна тропска бура, последиците од ураганот се несогледливи. Разурнати куќи и милиони жители без струја и вода. Се проценува дека за опоравување ќе бидат потребни неколку години.

Во акцијата за собирање пари за помош, “Рака во рака“ учествуваат, меѓу останатите, Денис Квејд, Бијонсе, Леонардо Дикаприо, Дени Девито, Опра, Шер, Џастин Тимберлејк.

„Ајде да им го вратиме она што го изгубија..Можеме да им помогнеме да направат следен, сигурен чекор. Да го обноват тоа што го загубија. Тоа е она што им треба, а тоа е она што ние можеме да им го дадеме“ рекол актерот Метју Меконахи.

Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп утре ќе ја посети Флорида.

Карибите, каде бројот на жртвите се искачи на 37, ги посети францускиот претседател Емануел Макрон. Француски авиони доставиле тони храна, вода и лекови, а стигнале и лекари. Макрон нагласил дека враќањето на животот во нормала е приоритет, а средствата за тоа се тука.